Охридски пливачки маратон

Овој важен спортски настан е гордост за локалната заедница, бидејќи го презентира Охрид како одлична локација за спортски настани и привлекува пливачи од целиот свет. Маратонската трка во езерото од една страна го насочува вниманието кон спортот и физичката активност, а од друга страна го поддржува туризмот и сознанието за природното богатство и непроценливото културно наследство.
Учесниците на маратонот се вистинска инспирација и симбол на дисциплина и одлучност. Пливањето во кристално чистите води на Охридското Езеро е неповторливо доживување, а секој испливан километар е можност да се почувствува богатството на нашата природа и древните корени. Овде пливањето не е само физичко задоволство, туку и духовно исполнување, кое ви ја доловува уникатноста на ова магично место.
На наша голема радост, од минатата година, пливачкиот маратон е централен настан во рамки на новата спортско-забавна манифестација Ohrid Water Festival, која овозможува заедничка промоција на водените спортови на Охридското Езеро. Преку внимателна комбинација на спортски и социјални активности, со првото издание на манифестацијата покажавме дека Охрид е подготвен за големата сцена и дека има капацитет да организира големи и успешни случувања.
Како добри и гостољубиви домаќини упатуваме покана до сите љубители спортот, природата и добрата забава и овој август да дојдат во Охрид, да го проследат Охрискиот пливачки маратон и да уживаат во новото издание и богатите содржини на Ohrid Water Festival.

Ве очекуваме!

Scroll to Top